ФОТО: Скршеницата на 17 места на Крачлоу му донесе еден килограм челик во ногата

Кајл Крачлоу

Британецот Кајл Крачлоу ја загуби контролата над својот моторцикл при брзина од 200 км/ч. и заработи скршеница на ногата на дури 17 места. 

Тоа се случи на 26 октомври на слободните тренинзи на патеката во Австралија, а неодамна 33-годишникот повторно се врати во конкуренција на најдобрите во Мото ГП шампионатот. Членот на Хонда Кастрол беше дел од подготовките во Сепанг три месеци по повредата, за која мислеше дека ќе му стави крај на кариерата.

„Од почетокот знаев дека се работи за тешка повреда. Првите разговори со докторите не беа на посакуваното ниво. Тие ми рекоја дека постои можност да ми биде ампутиран дел од мојата нога. На крај се заврши на посакуван начин, но за мене тоа беа болни три месеци. Познавам луѓе кои поради слична скршеница ставија крај на своите кариери. Имаше моменти во кои мислев дека нема повторно да се вратам на патеките“ , вели британскиот возач.

Оперативниот зафат беше заокружен со околу еден килограм челик во ногата на Крачлоу.