Скопјанецот Лирим Зендели по нов предизвик, ќе вози во Формула 2

Лирим Зендели, момчето кое е по потекло од Скопје, во новата сезона ќе има нов предизвик, затоа што од Формула 3 добива промоција и ќе вози ранг погоре – во Формула 2.

21-годишникот возеше за Тридент Рејсинг во Ф3, а исто така беше дел и од Тојота Рејсинг сериите во 2020 година, но во 2021 година ќе биде дел од второрангираното натпреварување во Формула.

Зендели постигна договор со екипата на МП Мотоспорт, со која имаше тестови во изминатите недели на патеката во Бахреин. Минатата сезона во Ф3, Зендели имаше 18 трки на кои забележа една победа на патеката „Спа“ во Белгија и имаше уште три подиуми. Според освоените бодови, заврши на осмото место во генералниот пласман со вкупно 104 бода.

Родителите на Зендели се родени во Македонија, поточно во Скопје, но имаат заминато да живеат и работат во Германија. Лирим е роден во 1999 година во Бохум, па затоа се натпреварува под германско знаме.