Силниот дожд и прекинот не го сопреа Верстапен, рекорден триумф на светскиот шампион

Повеќе од очигледно е дека никој не може да го предизвика Макс Верстапен сезонава. Актуелниот светски владетел триумфираше на домашната патека „Зандворт“ за Големата награда на Холандија и стигна до деветтата последователна победа во Формула 1 циркусот. 

Со денешната победа Верстапен го израмни рекордот на Себастијан Фетел од 2013 година, кој исто така настапуваше за тимот на Ред Бул и имаше ист учинок. Ова беше вкупно единаесетта победа сезонава за Верстапен и на многу сигурен начин ита кон нова титула во најпрестижното авто-мото натпреварување во светот. 

Втор низ целта на денешната трка мина Шпанецот Фернандо Алонсо, а место на подиумот си заработи и Пјер Гасли од тимот на Алпине. Французинот стигна до третото место откако Серхио Перез беше казнет поради пребрзо возење во питлејнот. Трката во Холандија понуди многу возбудувања и драма, пред сѐ поради силниот дожд кој ја прекина трката во 65. круг, а претходно се случија и серија излетувања, меѓу кои беа Хамилтон и Перез, а најдебелиот крај го извлече Гуанжу Џоу, по што црвеното знаме мораше привремено да ја прекине трката. 

Макс Верстапен е на одличен пат да ја одбрани титулата и сега има 339 бодови, а по него следуваат Серхио Перез со 201 и Фернандо Алонсо со 168 бодови. Следната трка во Формула 1 е за Големата награда на Италија и ќе се вози веќе следниот викенд.