Шумахер: Мерцедес е постабилен, на Верстапен му недостига малку среќа за титулата

Луис Хамилтон го фати посакуваниот ритам во финишот на Формула 1 сезоната и со сигурни чекори ја смали разликата на ривалот Макс Верстапен. Со победи на последните две трки Британецот пријде близу зад Холанѓанецот, па во завршните две трки следи драма. 

Братот на легендарниот Михаел и поранешен возач во Формула 1, Ралф Шумахер, повеќе верува во Мерцедес отколку во Ред Бул. 

„Мерцедес во моментов е постабилен. Макс дава сè од себе и покажува колку добар возач е, но во нормални околности - тој нема шанса. 

Можеби ќе ја има среќата која му недостигаше досега. Ако на стартот од сезоната го послужеше среќата (особено на Силверстон, Хунгароринг и во Баку), Верстапен можеби веќе ќе беше шампион“, смета Шумахер. 

Овој викенд е слободен на Ф1 календарот, а веќе во наредните два ќе се возат трките во Џеда и Абу Даби. Во пресрет на одлучувачките две трки Верстапен има осум бода предност во однос на Хамилтон.