Шарл Леклер најбрз на петочните тренинзи на Имола

Формула 1 тимот на Ферари направи промени на болидот и промовира пакет подобрувања за трката за Големата награда на Емилија Ромања. Тоа резултира со најбрзи кругови на Шарл Леклер на петочните тренинзи на култната патека Имола. 

Возачот од Монако на првиот тренинг имаше најбрз круг со време 1:16,990, со што зад себе ги остави Џорџ Расел и Карлос Саинц кои беа најблизу. По нив следеше дуото на Ред Бул, но во неочекуван редослед, прво Перез па Верстапен. 

Што се однесува до вториот тренинг, на него Леклер беше уште побрз и запиша време од 1:15,906. По него најбрз беше Оскар Пиастри, а следеше изненадувачки Јуки Цунода. Следеа возачите на Мерцедес, Хамилтон и Расел пред Саинц. Лошо време забележа шампионот Верстапен на седмото место, меѓутоа јасно е дека ова не мора да значи ништо и тој има најдобро темпо. 

В сабота се вози уште еден тренинг пред квалификациите од 16:00 часот, додека трката в недела е на програмата од 15:00.