Семејството Шумахер: Михаел е во најдобрите раце, правиме сè што е во наша можност...

Еден од најголемите Формула 1 пилоти на сите времиња, Михаел Шумахер, утре го слави својот 50-ти роденден, а по тој повод неговото семејство се реши со соопштение на социјалните мрежи да им се обрати на големиот број на фанови. 

Во истото се вели дека се прават големи напори поранешниот член на Ферари да ја добие најголемата битка во животот, а воедно и откриваат дека во текот на утрешниот ден ќе биде пуштена апликација која ќе ги прикажува сите успеси на легендарниот Ф1 пилот.

„Среќни сме што заедно со вас ќе го прославиме 50-тиот роденден на Михаел и заради тоа ви благодариме од дното на срцето. Како еден вид на подарок за него, за вас и нас, фондацијата се реши да креира виртуелен музеј, кој официјално ќе биде објавен утре. Сигурни сме дека тој е во најдобрите раце, а ние како и сите засегнати околу неговото здравје, правиме сè што е во наша можност и моќ за да му помогнеме. Ве молиме разберете нè“, пишува во соопштението. 

Шумахер се прослави во болидот на Ферари и на крајот од кариерата заврши со рекордни седум шампионски титули и 91 победа. Настапи на 308 трки и во 155 наврати се искачи на победничкиот пиедестал. Германецот пред пет години имаше скијачката несреќа и од тогаш е под специјална нега, а само најблиските знаат колку е или не е сериозна ситуацијата.