Се проширува Формула 1 гридот, од 2026 доаѓа Кадилак!

Од сезоната 2026 во Формула 1 ќе се натпреваруваат 11 тима, наспроти досегашните десет.

По долги преговори, многу полемики и несогласувања, компанијата „Џенерал Моторс - ЏМ“ постигна договор со сопствениците на Формула 1. Така, на гридот од 2026 година ќе се најде уште еден американски тим под името Кадилак Ф1. 

Први оперативци на Кадилак Ф1 тимот ќе бидат сопствениците на Андрети Моторс, Дан Товрис и Марк Валтер. Ова е исполнување на желбата на Мајкл Андрети, синот на светскиот шампион Марио Андрети (1978 година). Иако не во целост, бидејќи претходно годинава Формула 1 го одби тимот под назив Андрети, сепак преку соработката со „Џенерал Моторс“ во спортот ќе влезе синот на поранешниот првак. 

Во првите две сезони договорено е Кадилак да користи погонски единици на Ферари, а во меѓувреме компанијата „ЏМ“ ќе развива сопствен мотор со цел да дебитира во 2028 година.