Сајнц: Не сум сигурен дека Ф1 сезоната ќе заврши според планот на ФИА!

Возачот на Вилијамс, Карлос Саинц, изрази сомнеж дека последните две трки од сезоната во Формула 1 сигурно ќе се одржат во Катар и Абу Даби, како што е предвидено во календарот.

Иако челниците на Формула 1 и ФИА засега остануваат на планот сезоната да заврши на Блискиот Исток, Саинц смета дека сè уште има премногу непознати фактори, особено поради безбедносната состојба во регионот.

„Ми се чини дека тие се убедени дека сè ќе се одвива според планот. Јас лично не сум толку сигурен“, изјави Шпанецот, кој е и директор на Здружението на возачи во Формула 1.

Трката за Големата награда на Катар е закажана за 29 ноември, додека сезоната треба да заврши со трката во Абу Даби на шести декември. Саинц предупреди дека ситуацијата може значително да се промени во наредните шест недели и дека мора да се следат сите случувања.

„Како што стојат работите сега, ќе одиме во Катар и Абу Даби. Како возачи, мораме да ги прифатиме одлуките, бидејќи немаме пристап до сите политички информации што ги имаат организаторите. Сепак, мора да останеме внимателни и подготвени да реагираме“, порача Саинц.

Формула 1 веќе беше принудена да го менува календарот поради војната, откажувајќи ги трките во Бахреин и Саудиска Арабија кои требаше да се одржат во април. Поради тоа, уште не е познато дали завршницата на сезоната ќе помине според првичниот распоред.