Саинц поради дополнителни промени ќе тргне последен на „Пол Рикар“

Возачот на Ферари, Карлос Саинц ќе има тешка задача на трката за Големата Награда на Франција. Откако во петокот доби промена на дел од елементите во моторот и заработи десет места казна, во пресрет на саботните квалификации тој направи нови промени. 

Саинц направи промени кои носат многу места казна, па според правилата трката на „Пол Рикар“ ќе ја започне од последниот ред. На последната трка во Австрија, болидот на Шпанецот се запали и тој не успеа да го обезбеди практично освоеното место на подиумот. Поради тоа од Ферари се решија за промени и тоа повеќе одеднаш, за во една трка да ги добие санкциите. 

На слободните тренинзи и квалификациите Саинц и Ферари покажаа завидно темпо. Во распределбата на места вчера, шпанскиот возач имаше тимска задача и му помогна на колегата Шарл Леклер да обезбеди пол позиција.

Покрај Саинц, од последниот ред со него ќе тргне и Кевин Магнусен кој со својот Хаас обезбеди место во третиот круг квалификации, но тоа беше бадијала бидејќи исто така менуваше компоненти на моторот.

Трката за Големата Награда на Франција се вози во 15:00 часот.