Роси: Најлесно ќе биде да заминам во пензија, но ќе возам и во 2020 година

Роси

Италијанскиот возач и еден од најпопуларните спортисти во светот Валентино Роси стави крај на сите шпекулации дека набрзо ќе стави крај на богатата кариера.

Иако нема посакувани резултати со Јамаха, големиот шампион во Мото ГП потврди дека ќе биде дел од натпреварувањето и наредната сезона.

„Чудно ми беше да ги слушам сите како зборуваат за мојата пензија. Тоа би било најлесниот чекор за мене во овој момент. Освоив многу работи, победив на доста трки, па сега би бил задоволен и со вакво резиме. Но, јас нема да се откажам набрзо и ќе бидам дел од Мото ГП натпреварувањето и наредната сезона. Во тоа нема никаков сомнеж“, вели популарниот „доктор“ од Урбино.

Роси има 40 години и во минатото освоил шест шампионски титули во „кралската класа“. Последната ја освоил пред точно десет години и од тој момент е во сенка на големата конкуренција од шпанските возачи, Хорхе Лоренцо и Марк Маркез.