Роси го советува Маркез како да ги избегне нападите на помладите возачи

Маркез Роси

Шпанецот Марк Маркез победи на домашната трка во Херез и се искачи на врвот во генералниот пласман во Мото ГП класата.

Актуелниот првак одново им даде до знаење на конкурентите дека ќе атакува на нов шампионски трофеј и дека малкумина ќе имаат можност да му застанат на патот до неговата цел.

Валентино Роси, ветеранот во екипата на Јамаха, му даде совет на лутиот ривал како да ја избегне опасноста да биде надмудрен од младата генерација која надоаѓа.

„За Маркез не е тешко да доминира. Јас кога пристигнав во Мото ГП морав да се натпреварувам со 32-33 годишни и искусни возачи.

Тој мора да остане смирен и да има мотивација да се справи со желбата на младите возачи. Понекогаш тие ќе возат подобро од него, но искуството ќе биде пресудно. И јас учев од помладите, не само тие од мене. Маркез моментално е најголемиот проблем за возачите бидејќи неговиот талент во комбинација со брзината на Хонда се убиствени за конкуренцијата“, вели 40-годишниот Италијанец.

Со 61 освоен бод по четири трки, „докторот“ од Италија е на четвртата позиција со заостанување од девет бода зад лидерот.