Рон Денис: Верувам во овој тим на Мекларен

Формула 1 тимот на Мекларен е во својата најлоша серија од оформувањето. Екипата нема забележано победа веќе 57 трки. Последниот успех го забележаа на ГН за Бразил во 2012 година. И покрај катастрофалните резултати за овој формула гигант, актуелниот шеф на тимот, Рон Денис мисли дека сеуште е способен и има сили да го врати Мекларен на место кое го заслужува.

„За мене не постои зборот уморен. Јас сум многу мотивиран и полн со амбиции, таков бев на самиот почеток и тоа ќе остане така до крајот. Формула 1 се менува, но тоа е мој предизвик и секогаш се трудам да ги пронајдам вистинските луѓе, за да ги извршуваат задачите максимално и да бидеме во чекор со новите промени во Формула 1. Мислам дека сеуште сум вистинскиот човек за овој тим“, изјави Денис.

Актуелниот шеф на британскиот тим, кој ги користи моторите на јапонскиот производител Хонда, нагласи дека цел му е да ја врати старата слава на тимот. Екипата на Мекларен е без освоена титула во шампионатот за конструктори од далечната 1998 година.

„Сеуште имам цврста верба дека имаме еден од најдобрите тимови. Нашите инженери се фокусирани на болидот за наредната сезона. Мислам дека моментално во однос на шасијата, моторот и персоналот како една целина се движиме во нагорна линија. Работевме напорно за да ги отстраниме нашите грешки, кои очигледно е дека ги имавме во минатите две години“, заврши Рон Денис.

Изминатата сезона тимот на Мекларен Хонда заврши на 9. место кај конструкторите со 57 освоени бода. Во историјата на Формула 1, британскиот тим има 850 стартови од кои во 182 наврати се радувал на победата, а 155 пати ја освојувал пол позицијата. Мекларен покрај 8 титули кај конструкторите, 12 пати го имале и шампионот кај возачите. Последната титула му ја донесе Луис Хамилтон во 2008 година. За тимот на Мекларен возеше и легендата Формула 1, Аиртон Сена кој освои три титули.