Рон Денис: Мекларен сеуште ги плаќа грешките од претходниот менаџмент

Рон Денис

Претседателот на Мекларен, Рон Денис, кривицата за лошите сезони, ја гледа во претходниот менаџмент, кој направи доста грешки на почетокот на 2013 година. 

„Слабите резултати се комбинација на се, а не само на едно нешто. Мекларен немаше успешна сезона последните две години, но многу брзо ја заборавивме доминацијата која ја имавме претходно. Некогаш компасот целосно се исклучува и не води во погрешен пат.  Кога правите болид и во него има суштинска слабост, многу е тешко да го развиете и да извлечете добри резултати од него. Кога ја завршивме доминантната 2012 година, дојдовме во Абу Даби и бевме далеку најбрз болид на патеката. Промени кај правилата немашe, така што не беше правилна одлука да правиме целосно нов болид за 2013 година. Потоа, не беше исправно ни тоа штом беше увидена грешката, веднаш да не се вратиме на стариот болид. Тоа беше најголемата грешка на компанијата.  Требаше да се вратиме на стариот болид, а подоцна да го развиеме новиот. Во тој случај немаше да изгубиме и ќе имавме константен напредок“ , вели Денис. 

Иако, Хонда се бори со лошиот мотор веќе две години, Денис верува дека успехот ќе стигне и тоа ќе го покаже неговиот тим во сезоната што следува.

„Годината беше предизвикувачка, но не можам да речам дека беше ужасна. Сеуште сите имаме огромна доверба во проектот, а за победа и титула треба да сте целосно поддржани од еден од 4те производители и доставувачи на мотори. Имаме голема среќа што токму ние имаме таква поддршка од Хонда и не можам да кажам дека грешката е нивна, затоа што сите сме една екипа. Треба само да се соземеме, да ги прифатиме критиките и да работиме понапорно. Но, сигурен сум дека се движиме во правилна насока, на тестовите во Јапонија и во воздушните тунели. Фокусирани сме и ќе се обидеме со помалку ветувања да остваруваме повеќе“ , самоуверено вели претседателот на Ф1 тимот.

Сезоната што измина, беше очајна за екипата на Мекларен, која тимски освои само 27 бода и заврши дури на 9. место на табелата за конструктори.