• Иван Димовски
Макс Верстапен продолжува да импресионира и надвор од Формула 1.
Холанѓанецот заедно со Даниел Јункадела и Жил Гурон стигна до победа на трката „4 часа Нирбургринг“ во класата ГТ3. Триото во Мерцедес АМГ ГТ3 имаше целосна контрола врз случувањата на патеката, оставајќи силен впечаток пред големиот предизвик што следи, легендарната 24-часовна трка на Нирбургринг.
Клучниот момент се случи уште на стартот, кога Верстапен водеше жестока борба со искусниот Кристофер Хасе во Ауди. Холанѓанецот успеа да се избори за водство непосредно пред влегувањето во бокс, по што неговиот тим ја одржуваше предноста без поголеми проблеми до самиот крај. Единствена закана за победата се појави од екипажот на БМВ, каде возеа Ден Харпер и Макс Хесе, но нивниот налет беше краткотраен.
Перформансот на четирикратниот шампион во Формула 1 на оваа трка е импресивен, со оглед на тоа што му беше официјално деби.