Ристо Вуков се врати со титула од Отвореното првенство на Србија

Македонскиот возач Ристо Вуков Рико со титула ја заокружи оваа фаза од својата кариера, со освоеното трето место во Белград и со првото место во генералниот поредок во Отвореното првенство на Србија. Рико е убедлив и во домашниот шампионат и многу е веројатно дека и таму ќе ја освои титулата, со што ќе ја комплетира најуспешната година во неговата кариера.

„Пресреќен сум по освоената титула. Ова беше одлична сезона за мене, на рзултатски план. Конкуренцијата беше пеколна, но сепак на крајот, издржавме и се враќаме дома со големиот пехар што толку го посакував. Со оваа трка, завршувам со класата Југо Хибрид 1150ccm3 и очекувам следната сезона да се преселам во повисок ранг на натпреварување. На сите мои совозачи, конкуренти, противници, пријатели и сите останати, им благодарам и им посакувам се најубаво во кариерите. По титулите во картинг и во оваа конкуренција, се надевам дека ќе можам да пружам добри резултати и во следната фаза од мојата кариера“, вели Вуков.

По пет долги сезони, стигна наградата за неговата упорност и за квалитетот што го покажуваше овие години во класата Југо Хибрид, од каде што проникнале сите големи шампиони од балканските простори.

Следната станица за Вуков, се европските и светските натпреварувања кои што се во врвот на автомобилизмот.