Ристо Вуков победи и на втората автомобилска трка во Кичево

Ристо Вуков победи и на втората трка во тековната сезона во автомобилизам. Тој повторно прв мина низ целта на патеката Кичево. Со овој триумф, нашиот возач регистрира хет-трик во натпреварувањата каде што се натпреварува годинава, претходно победувајќи исто така во Кичево и во Нови Сад.

Нашиот најдобар возач сезонава, во овие два шампионата е убедлив лидер во двете конкуренции. Следен предизвик за него ќе биде трката во Бања Лука, во рамките на српското првенство.

„Целта за почетокот на сезоната е остварена, победивме на трите воведни трки. Очекувам висок пласман и во Бања Лука, со оглед на тоа што таа патека ми лежи, конфигурацијата е одлична за мене и за мојот стил на возење. Ништо не е завршено, сезоната ќе биде долга, овој убедлив старт мора да се задржи и да се продолжи со концентрацијата и со доброто возење.

Конкуренцијата сега ќе биде уште пожестока, но треба само да го задржам своето ниво кон целта – а тоа се титулитa“, изјави Вуков.

Стотици љубители на автомобилизмот во Кичево ја следеа трката, со што се враќа интересот и сјајот на овој спорт кај нас.