Рикиардо со солзи во очите можеби најави пензија: „Бајката немаше среќен крај...“ (ВИДЕО)

Даниел Рикиардо можеби ја возеше последната трка во својата Формула 1 кариера. Тој заврши на последното место во Сингапур, меѓутоа во финишот влезе во боксот и со нови меки пневматици успеа да го украде најбрзиот круг во трката. Со тоа директно му помогна на Ред Бул и Макс Верстапен, одземајќи му бод на Ландо Норис. 

По трката, австралискиот возач беше доста емотивен. Знаејќи дека трката во Сингапур е доста напорна, Рикиардо се мачеше да ги најде вистинските зборови, што е вистинска реткост за него пред камерите. Тој доби прашање дали ова е крајот, па со помалку мистериозна порака практично најави крај на кариерата или барем во тимот на РБ. 

„Многу емоции, бидејќи ова може да е крајот. Преморен сум по трката, а чувствата се измешани. Се навикнав во кокпитот низ годините, сакав само да уживам во моментот на последната трка. Го дадов својот максимум денес. Да кажеме дека бајката не доби среќен крај... 

Сепак, морам да гледам со гордост на тоа што го поминав. Околу 13 години во Формула 1 и навистина сум горд на себе“, изјави Рикиардо со солзи во очите. 

  • Емотивната и збунувачка изјава на Австралиецот:

Кариерата на Рикиардо почна во 2011 година во Хиспаниа Рејсинг, потоа возеше за Торо Росо и во 2014 година доби шанса во Ред Бул. Бележеше солидни резултати, меѓутоа наиде младиот талент и иден шампион Макс Верстапен во кој тимот ги положи сите надежи и ресурси. Рикиардо потоа возеше и за Рено и Мекларен, пред да добие шанса назад на гридот во Алфа Таури, сегашно РБ. 

Даниел Рикиардо има освоено вкупно 1329 бода на 258 трки во кариерата. Забележа осум победи и 32 подиуми, а последната му беше на Монца во 2021 година.