Рекордна дваесетта сезона за Хамилтон: Сè уште имам пламен во срцето!

Седумкратниот светски шампион, Луис Хамилтон, најави дека влегува во својата 20‑та сезона во Формула 1 со полна решителност и без никакви ограничувања.

Иако минатата сезона ја помина со тешкотии и по првпат во кариерата не се искачи на победничкиот подиум, Хамилтон вели дека се чувствува освежено, мотивирано и посилно од кога било.

„Дваесет сезони во Формула 1, навистина е тешко да се поверува колку време помина. Почна како сон, некои мислеа дека е смешно, но јас не престанав да го следам тој сон.

Имам пламен во срцето и уште сакам да се натпреварувам на највисоко ниво. Се надевам дека оваа година ќе бидеме далеку поуспешни“, рече Британецот. 

На прагот на отворањето на сезоната, Хамилтон нагласува дека нема да се предаде и дека намерата му е да се бори за врвот, односно повторно да се бори со најсериозната конкуренција.

Со 41 година и неверојатни дваесет години во кралската Ф1 категорија, британската легенда останува еден од најголемите во овој спорт, кој се смета за најпрестижен авто-мото циркус во светот.