Ред Бул загуби вртоглава сума поради одложувањето на стартот од сезоната

Екипата на Ред Бул забележа голема финансиска загуба поради одложувањето на првите пет трки во Формула 1 шампионатот. Коронавирусот зеде замав во Европа, а имун не остана и спортот. Советникот на австрискиот тим, Хелмут Марко, откри дека „биковите“ претрпеле голем удар.

„Сите тимови имаат загуби поради одложениот старт. Ние претрпевме загуби од 100 милиони евра“, изјави Марко.

Ф1-тимовите бараат регулација на трошоците, ревизија на финансискиот правилник, за буџетите да може добро да се скројат не само за 2021, туку и за 2022 година.

Организаторот мака мачи да ги смести трките во втората половина од годината. Иако требаше оваа сезона да почне пред десет дена во Мелбурн, не само не се одржи, туку одложени се уште неколку Гран при трки.

Големата награда на Азербејџан, која беше закажана на 7 јуни, е одложена и веројатно ќе биде тргната од календарот. Гран прито на Монако го отстапи местото од сезонскиот календар и воопшто нема да се одржи.