Ред Бул покажа темпо, Верстапен го победи Леклер на спринтот на „Имола“

Болидот на Ред Бул се покажа за нијанса побрз од оној на Ферари, па Макс Верстапен победи на првата спринт трка во Формула 1 сезоната. Холанѓанецот го надлета Шарл Леклер и прв ќе тргне на трката за Големата награда на Емилија-Ромања, која се вози утре од 15:00 часот.

Иако Леклер одлично тргна уште од стартот, од второто место уште на првиот свиок го прејде Верстапен, сепак на долга стаза Ред Бул беше поуспешен. Ферари се мачеше со деградација на гумите, а тоа го искористи светскиот првак и во финишот го прејде ривалот за првото место на спринтот. 

Зад Верстапен и Леклер се пласираа тимските колеги, Серхио Перез заврши трет, додека Карлос Саинц иако тргна десетти заврши на четвртата позиција. Следеа двајцата возачи на Мекларен, Ландо Норис и Даниел Рикиардо кои утре ќе тргнат петти и шести, пред Ботас, Магнусен, Алонсо и Мик Шумахер. Џорџ Расел и Луис Хамилтон од Мерцедес немаа успех и останаа на средината. 

Од оваа трка Верстапен доби осум бода, додека Леклер еден помалку. Во генералниот поредок Монашанецот е апсолутен лидер со 78 бода, 40 повеќе од тимскиот колега, додека Верстапен има 33 бода.