Ред Бул му дава шанса за „своето дете“, промовиран наследникот на Перез

Лиам Лосон ќе го замени Серхио Перез во болидот на Ред Бул од следната сезона во Формула 1. Мексиканецот ги потроши сите џокери и по катастрофалната сезона заработи отказ. 

Неговото место ќе го добие „детето на Ред Бул“. Возачот од Нов Зеланд минатата сезона доби шанса во вториот тим, Рејсинг Булс, а иако имаше помалку бодови од тимскиот колега Јуки Цунода, сепак добива шанса во првиот тим. Самиот Лосон не го криеше задоволството по официјализацијата на договорот. 

„Прогласувањето во возач на Ред Бул за мене е животен сон, тоа е нешто што го сакав и работев од осум години. Досега патувањето беше неверојатно. Сакам да се заблагодарам на РБ, последните шест трки беа подготовки за овој чекор. 

Јас сум супер-возбуден што ќе работам заедно со Макс и ќе учам од светскиот првак. Не се сомневам дека многу ќе научам од неговата стручност. Едвај чекам да почнам“, изјави Лосон.

Во минатите две години Лиам Лосон настапи на 11 трки во Формула 1. Тоа веројатно беше доволно да ги убеди Кристијан Хорнер и останатите во Ред Бул да му дадат шанса.