• Мартин Танасковски
Екипата на Ред Бул сериозно го разгледува Оскар Пјастри како потенцијална замена за Макс Верстапен доколку актуелниот четирикратен светски шампион реши да го напушти тимот по крајот на сезоната.
Иако Верстапен има договор со Ред Бул до 2028 година, во него постојат клаузули што би му овозможиле предвремено заминување од тимот. Од Ред Бул и понатаму јавно тврдат дека Холанѓанецот ќе остане, но во позадина веќе се разгледуваат алтернативни решенија.
Во случај на разделба со Верстапен, австрискиот тим сака возач што веднаш би можел да ја преземе лидерската улога, а според проценките во тимот, моментално ниту еден од нивните постоечки возачи не се смета за директен наследник на Холанѓанецот.
Поради тоа, прв на листата на желби на Ред Бул е токму Оскар Пјастри, кој моментално вози за Мекларен. Дополнителна поврзаност постои и преку неговиот менаџер Марк Вебер, кој настапуваше за Ред Бул од 2007 до 2013 година.
Пјастри дебитираше во Формула 1 во 2023 година и брзо се етаблира како еден од најталентираните млади возачи. Во првата половина од сезоната 2025 важеше за сериозен кандидат за титулата, но на крајот заврши зад Ландо Норис и Верстапен во генералниот пласман.