• Саше Љолес
Шпанскиот мотоциклист Раул Фернандез стигна до својата прва победа во спринт трка во Мото ГП шампионатот, откако триумфираше на патеката Муџело во рамки на Големата награда на Италија. Возачот на тимот Трекхаус имаше одличен настап и уште во раната фаза од трката го презеде водството, кое успеа да го задржи до самиот крај.
Фернандез заврши пред Хорхе Мартин од Априлија, кој во завршницата се обиде да го намали заостанувањето, но не успеа да го загрози водството на сонародникот. Третото место му припадна на Фабио Ди Џанантонио од тимот ВР46 Дукати.
Пол-позицијата ја имаше Марко Бецеки, но Италијанецот лошо стартуваше и брзо падна во поредокот, по што трката ја заврши надвор од местата на подиумот. Актуелниот шампион Марк Маркез, кој се врати по неодамнешната повреда, заврши на петтото место.
За Фернандез ова е историски успех и дополнителен поттик во борбата за што подобар пласман во генералниот поредок. Со освоените бодови значително ја подобри својата позиција пред главната трка што ќе се вози в недела на легендарната италијанска патека.