• Саше Љолес
Џорџ Расел стигна до третата победа сезонава во Формула 1, откако триумфираше на Големата награда на Азербејџан во Баку. Возачот на Мерцедес ја искористи пол-позицијата, водеше од почеток до крај и стигна до осмиот триумф во кариерата.
Британецот успеа да ја задржи предноста и да мине низ целта со само 0,196 секунди предност пред возачот на Ред Бул, Макс Верстапен.
„Неверојатно е чувството повторно да се биде на највисокото скалило на подиумот. Огромна благодарност до тимот што продолжи да верува во мене и во тешките моменти и ми помогна да ги надминам. Навистина сум горд на овој викенд“, изјави Расел по трката.
Тој откри дека трката долго време се одвивала според планот, но ситуацијата се промени во самиот финиш.
„Првата половина беше прилично мирна и успевав да ја зголемувам предноста. Кога по рестартот видов дека Макс е зад мене, си помислив дека нема да биде лесно. На крајот, тој возеше неверојатно“, рече Расел.
Расел во последниот период очигледно ја подигна формата, а самиот смета дека причината е подоброто прилагодување на новиот стил на возење.
Со победата во Баку, Расел дополнително ја намали разликата во шампионатот со својот тимски колега Кими Антонели. Италијанецот заврши на петтото место, откако стартуваше дури од 16. позиција, а сега има 66 бодови повеќе од Расел.