• Иван Димовски
Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел откри дека тимот водел разговори со четирикратниот светски шампион, Макс Верстапен. Тој отворено проговори за шпекулациите околу иднината на возачката постава и потенцијалните промени во тимот.
„Мерцедес и Верстапен преговараа, можеби и уште преговараат. Постојат и долгорочни перспективи. За возачите и тимовите не се размислува само од година во година, туку на три-четири па и пет огидни порано. Сè тоа се менува многу брзо. Знам дека, додека возам добро и давам максимум на патеката, нема потреба да се грижам. Тоа не значи ниту дека останувам, ниту дека заминувам, ниту пак дека нешто конкретно се случува. Последниве месеци ми беа поучни – учев како да се носам со сите информации и шпекулации.
Одлучив да не се оптоварувам. Знам што ми е работа, да бидам брз на патеката. Сè друго ќе си дојде само по себе“, изјави Британецот.
Следна шанса за докажување, Расел ќе има на легендарната патека Спа Франкошамп, каде викендов се вози новата трка од календарот на Формула 1.