• Иван Димовски
Џорџ Расел ќе стартува од пол-позицијата на трката за Големата награда на Канада, откако возачот на Мерцедес беше најбрз во квалификациите на патеката „Жил Вилнев“.
Британецот продолжи со одличната форма, бидејќи претходно во текот на денот триумфираше и во спринт трката, а потоа доминираше и во борбата за најдобра стартна позиција. Мерцедес повторно ја потврди својата моќ оваа сезона, бидејќи веднаш зад Расел заврши неговиот тимски колега Андреа Кими Антонели со минимално заостанување.
Од вториот ред ќе стартуваат Ландо Норис и Оскар Пјастри од Мекларен, додека зад нив се најдоа Луис Хамилтон, Макс Ферстапен, Исак Хаџар, Шарл Леклер, Арвид Линдблад и Франко Колапинто.
Претходно во спринт трката победата исто така ја однесе Џорџ Расел. На подиумот завршија Ландо Норис и Кими Антонели. Во текот на трката имаше интересни ситуации кога младиот Антонели сакаше да ги мине Британците пред себе и премногу ризикуваше, меѓутоа имаше среќа при излетувањата од патеката.
Трката за Големата награда на Канада се вози утревечер со почеток од 22:00 часот.