Радост за „тифозите“ во Монца: Пол позиција за Саинц во лудите квалификации

Карлос Саинц уште еднаш викендов го потврди пред сè своето, а потоа и тимското добро темпо. Шпанецот ја освои пол позицијата за трката на Големата награда на Италија, на култната патека во Монца. 

Во навистина израмнети квалификации, возачите на Ферари покажаа темпо со кое се мереа со Макс Верстапен кој инаку е далеку подоминантен. Саинц финишира со време од 1:20,294, како последен кој го комплетира брзиот круг и го „украде“ првото стартно место од шампионот. 

Холанѓанецот пак „доцнеше“ со минимални 0,013 секунди зад шпанскиот возач. За тоа колку маргините се мали, најдобро зборува фактот дека Шарл Леклер за момент беше на провизионална пол позиција, но на крајот беше за 0,067 секунди побавен од својот тимски колега. 

Во топ десет имаше место и за Расел, Перез, Албон, Пиастри, Хамилтон, Норис и Алонсо. Ако се суди според квалификациите, останува барем надеж дека може да се очекува барем малку порамноправна трка. Верстапен инаку доминира, руши рекорди и е неприкосновен, па останува да видиме до каде е темпото на Ферари. 

Трката на патеката „Монца“ се вози в недела во 15:00 часот.