Претседателот на ФИА добива жестока конкуренција на следните избори

Еден од поранешните раководители на американскиот мото-спорт, Тим Маер, официјално објави дека ќе се кандидира за претседател на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА). 

Маер ќе се „бори“ за престижната функција против актуелниот прв човек на ФИА, Мохамед Бен Сулаем, а изборите ќе се одржат во декември годинава. Има долгогодишно искуство во Формула 1 и дури петнаесет сезони работеше како стјуард на патеките ширум светот, но исто така беше вклучен и во Управниот одбор на американската „Инди Кар“. 

Тим Маер е син на ко-основачот на екипата на Мекларен, Теди Маер. Ужива голема почит во светот на Формула 1 и општо во сите меѓународни автомобилски федерации. Актуелниот претседател, Бен Сулаем, беше избран во 2021 година.