Последната ридско-брзинска трка закажана за први ноември на Пониква

Последната ридско-брзинска трка од државниот шампионат во автомобилизам ќе се вози на први ноември на патеката кон Пониква. Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев иницираше состанок со претставниците на Автомобилистичката федерација и сопствениците на угостителски објекти на Пониква. Одлучено е трката да се вози, со оглед што таа е во функција на промоција на планинскиот центар. Постигната е согласност за идната година да се изготви календар на натпреварите.

„Кочани ја има најдобрата патека за ридско-брзински трки во Македонија, а Пониква е прекрасно место и штета е да се прекине традицијата стара 30 години. Автомобилизмот е високоризичен спорт и бара многу ангажман и финансиски средства за подготовки, поради што задоволни сме што со помош на локалната власт најдовме заеднички јазик со угостителите и годинава успешно ќе го привршиме државниот шампионат“, рече Ранко Станојковски, претседател на комисијата за спорт при Автомобилистичката федерација на Македонија.

Рридско-брзинските трки на Пониква од следната година ќе се одржуваат во последната седмица од април и во првата од септември, во периодот меѓу 12:00 и 16:00 часот, а организаторот да води сметка тоа да не биде продолжен празничен викенд.