• Саше Љолес
Португалскиот фудбалски прволигаш, Есторил, реши да оддаде почит за легендарниот бразилски автомобилист, Аиртон Сена, кој трагично загина во 1994 година на патеката во Имола.
Клубот ќе ги промени своите традиционални бои на дресовите и ќе настапи во зелено-жолта комбинација на 40. годишнината од првата победа на Сена во Формула 1, која се случи токму на патеката во Есторил.
„Нашиот клуб и целиот град сакаат да му оддадат почит на голем спортист, човек и вистинска легенда. Сена беше трикратен светски шампион и тој е засекогаш поврзан со нашите граѓани и навивачи“, стои во клупското соопштение.
Смртта на Аиртон Сена до денешен ден останува еден од најтажните моменти во историјата на спортот. Во неговата богата кариера Бразилецот оствари вкупно 41 победа во Формула 1 циркусот.