Поранешниот Формула 1 шампион Батон ќе се проба и во Наскар

Светскиот шампион во Формула 1 од 2009 година, Џенсон Батон ќе вози три трки во Наскар Суперкупот оваа година.

Батон своето деби во Наскар ќе го има на 26 март во Остин, по што ќе следи годишната улична трка во Чикаго на втори јули и неговата последна трка на 13 август во Индијанаполис. Батон на трите трки ќе вози Форд Мустанг.

Во текот на кариерата во Формула 1, Батон забележа 15 победи, а најдобрата сезона ја имаше во 2009 година, кога со шест победи стигна до шампионската титула. 

Тој се повлече од Формула 1 во 2017 година, но оттогаш имаше голем број различни авто-предизвици, вклучително и учество во Светскиот шампионат на издржливост на ФИА, вклучувајќи и ја 24 часа Ле Ман.