Поранешен шампион со порака до Ферари: Луис знае како се победува, форсирајте го!

Поранешниот светски шампион во Формула 1, Жак Вилнев, смета дека Ферари мора да донесе јасна одлука и да го постави Луис Хамилтон како прв возач во тимот.

Канаѓанецот оцени дека политиката на еднаков третман на двајцата возачи не му носи резултати на италијанскиот тим и порача дека седумкратниот светски шампион заслужува целосна поддршка во битката за титулата.

„Луис знае како се освојуваат шампионати и што е потребно за да се стигне до победа. Штом ќе ја намириса шансата за триумф, тешко дека некој може да му парира. Затоа Ферари мора да се фокусира на него и да му даде што е можно поголема поддршка. Леклер едноставно не е доволно брз и оваа одлука не би требало да биде тешка. Шарл имаше доволно време да изгради тим околу себе, но не го направи тоа. Доби многу работи прерано во кариерата, додека Хамилтон сега повторно покажува колку е силен кога ќе се врати во препознатливата форма“, изјави Вилнев.

Хамилтон сезонава бележи одлични резултати и во моментов е втор во генералниот пласман, зад Кими Антонели, што дополнително ги засили дебатите околу статусот на прв возач во Ферари.