• Зоран Мишевски

Во текот на вчерашниот ден беше официјализирана веста дека поради поплавите во регионот на Емилија Ромања, ќе биде откажан Гран при викендот на патеката во Имола.
Македонскиот возач Ристо Вуков токму на оваа патека требаше да ја започне својата серзона во Порше Суперкуп, натпреварување кое се вози во склоп на Формула 1 викендот.
„Најнапред, сакам да испратам порака за поддршка до италијанскиот народ и спасувачките служби кои работат во погодениот реон. Не се сомневам во потребата од ваква одлука на организаторите, ќе беше невозможно да се организира нормален гран при викенд, а притоа да се знае дека некој се бори за живот. Во моментов сите мои надежи се за што побрза нормализација на ситуацијата во поплавените подрачје“, вели Рико.
Ова не е прва случка за откажување на планираните обврски за Вуков оваа година, откако на почетокот од април мораше да се повлече од тестирањето на Ред Бул Ринг бидејќи автодромот беше завеан во снег.
Поради сето ова, тој за идниот викенд во Монте Карло се подготвува заедно со Андреј Кулунџиќ на патеката „Навак“ крај Белград.
„Андреј е поранешен возач во Порше Суперкуп и неговите искуства се драгоцени за мене бидејќи од оваа временска дистанца тој може да препознае кои од моите дилеми се реални, а на кои не треба да им обрнувам внимание. Недостатокот на тренинг патека во Македонија е голем проблем, па можноста да се тренира во Србија со него е најдоброто нешто што можеше да се обезбеди, со цел да останам фокусиран и да ја темпирам својата форма. Искрено се надевам дека веќе на 28 мај за време на гран при викендот во Монако ќе се покаже дека овие подготовки биле полн погодок“, заклучи Вуков.
Новата сезона е одлична шанса Рико да ја покаже својата кпаса и во Порше Суперкупот, откако веќе неколку години покажува дека е достоен за предизвикот на четири тркала.