Полни раце работа за судиите и две дилеми по трката во Бахреин

Трката за Големата награда на Бахреин понуди неколку контроверзни моменти, односно судиски одлуки. 

На самиот старт имаше прекршување на правилата од страна на Ландо Норис. Британскиот возач на Мекларен се помести пред самиот старт, а тоа е сериозно прекршување во Формула 1. Казната за овој прекршок беше пет секунди, иако очекувањата беа дека Норис ќе добие барем десет. 

Потоа при крајот на трката се случи проблем и со Џорџ Расел. Британецот имаше проблем со електрониката на болидот и во еден краток момент на патеката каде што не е дозволено се отвори ДРС крилото. 

ФИА најави истрага по крајот на трката, а за среќа на Расел и Мерцедес казна немаше. Стјуардите утврдија дека со прекршокот британскиот возач не добил значителна предност. Сличен проблем имаше и Шарл Леклер, кому исто така кратко му се отвори задното крило, ама не беше под истрага. На крајот поредокот на водечките не се менуваше, зад Оскар Пиастри завршија Џорџ Расел и Ландо Норис пред дуото на Ферари, Шарл Леклер и Луис Хамилтон. 

По трката дисквалификација поради технички причини доби Нико Хулкенберг, казни од десет секунди и два казнени поени добија Карлос Саинц и Лиам Лосон, а поради прекршување на границите на патеката пет секунди доби Џек Духан.