Полицијата во Лас Вегас се посрамоти, Цунода сакал да „емигрира“ во САД

Јапонскиот Формула 1 возач, Јуки Цунода, доживеал непријатна ситуација кога накратко бил приведен од полицијата на аеродромот во Лас Вегас, непосредно пред одржување на трката во престижното авто-мото натпреварување. 

Јапонецот при слетувањето бил задржан од полицијата и цариниците кои веројатно не го препознале возачот и го прашувале дали има намера да емигрира во Соединетите Американски Држави. Целата ситуација траела повеќе од еден час, а потоа Цунода бил пуштен со извинување од официјалните лица. 

„Разговаравме десетина минути со цариниците, но повеќе прашања имаше имиграционата полиција. Имаа нешто сосема трето на ум, но јас културно им објаснив кој сум и зошто сум дојден.

Со мене беше мојот физиотерапевт, па и тој се вклучи во дискусијата. За малку ќе ме вратеа дома, но сепак останав во САД“, шеговито изјавил Цунода. 

Иако возачот побарал да не се прави никаква драма околу настанот, сепак, американските медиуми не ја пропуштија можноста да упатат критики кон органите на редот и пишуваат дека полицијата мора да биде многу подобро информирана во овие случаи. 

Трката за Големата награда на Лас Вегас ќе се одржи в недела, со почеток во 07:00 часот по македонско време.