Пиастри доминантен, прва „еден-два“ победа на Мекларен во сезоната

Втората трка во сезоната на Формула 1, која што се возаше за Големата награда на Кина, донесе уште една победа на Мекларен и тоа доминантна. Сепак, овојпат на првото место заврши Оскар Пиастри пред тимскиот колега Ландо Норис. 

Австралиецот тргна од пол-позицијата, па доминантно и без премногу мака стигна до победата. Освен во моментите кога менуваше гуми Пиастри лесно се врати на првото место и на крајот заврши со речиси десет секунди предност. Сепак, вреди да се напомене дека во последните неколку кругови Норис едвај ја заврши трката. Британецот имаше проблеми со кочниците, па неговото време почна драстично да паѓа во завршните кругови.

За малку тоа не го искористи и казни Џорџ Расел кој го комплетира кругот на подиумот. На четвртото место заврши шампионот Макс Верстапен кој имаше повеќе нерви и понови гуми за во завршницата да го мине Шарл Леклер. Зад возачот од Монако заврши неговиот тимски колега Луис Хамилтон. 

Фантастично седмо место освои Естебан Окон со Хаас, додека во бодови беа дебитантите Антонели и Берман на осмото и десеттото место, а Албон се пласира меѓу нив. Нова катастрофа доживеа Лиам Лосон од Ред Бул со пласманот на 15. позиција, а трката не ја заврши Фернандо Алонсо поради проблеми со кочниците.

Следната седмица е слободна за возачите, а возбудувањата во Формула 1 се враќаат со трката на 6 април на култната „Сузука“ во Јапонија.