Петерхансел најбрз во најдолгата етапа на Дакар, Ал Атиах ја „стопи“ предноста на Саинц

Стефан Петерхансел ја продолжи доминацијата и убедливиот настап на Х-Реид Мини на овогодинешното рели Дакар во Саудиска Арабија. Легендарниот шампион го докажа искуството со победата во најдолгата етапа која се возеше од Вади Ал Давасир до Харадх, со 891 километар. 

Со само 15 секунди заостанување на целната линија пристигна Насер Ал Атиах, кој со својата Тојота е најконстантен, но сè уште без добиена етапа. Сепак, со одличните возења, минатогодишниот шампион дојде на само 24 секунди зад лидерот Карлос Саинц, кој денес заврши петти. 

Подиумот го комплетираше домашниот возач Јасир Сеајдан за свој деби подиум на Дакар. 

Денес и мотоциклистите се вратија на задачите и возењето, по празниот ден поради трагичната смрт на Гонсалвеш. Чилеанецот Пабло Квинтила беше најбрз, намалувајќи ја разликата во генералниот пласман за четири минути, зад Рики Брабец. 

На подиумот заврши и Тоби Прајс со заостанување од речиси две минути, трет беше Жоан Борт, а лидерот Брабец заврши на четвртата позиција.