• Саше Љолес
Возачот на Дукати, Франческо Бањаја, ќе го напушти италијанскиот тим на крајот од сезоната во Мото ГП шампионатот, соопшти денеска официјалната веб-страница на натпреварувањето.
Бањаја со Дукати ги освои шампионските титули во „кралската класа“ во 2022 и 2023 година, но сега смета дека е време за крај на оваа етапа и ќе бара нов предизвик во кариерата.
„Кога пристигнав во Дукати, мислев дека веќе сум постигнал нешто неописливо, но тука се натерав да верувам уште повеќе во себе. Осум години, 31 победа, 63 подиуми, 28 пол-позиции, две вицешампионски титули и две светски шампионски титули - тоа е приказната што ја испишавме и која е само наша.
Растевме заедно, поминавме низ секоја ситуација без да се откажеме, се туркавме еден со друг да го дадеме максимумот. Чувствувам потреба да започнам нов предизвик, но никогаш нема да заборавам кои бевме. Вие сте дел од мене и секогаш ќе бидете“, напиша Бањаја.
Италијанските медиуми наведуваат дека Бањаја од 2027 година ќе вози за тимот на Априлија. Во моментов се наоѓа на седмото место во генералниот пласман кај возачите, со вкупно 127 бодови на своето салдо.