Останатите тимови „победија“: Мекларен мора да го смени задното крило

Лидерот во поредокот на конструкторите Мекларен ќе мора да го менува задното крило на болидот. Тоа доаѓа откако останатите тимови во Формула 1 испратија повеќе дописи и жалби до ФИА за легалноста на болидот на водечкиот. 

Мекларен победи на последната трка за Големата награда на Азербејџан, со Оскар Пиастри на првото место. Долго време Австралиецот и без ДРС успеваше да ги одбие налетите на Шарл Леклер за првото место. По трката се појавија многу видеа и фотографии кои укажаа дека задното крило и без ДРС имаше придвижување, што е забрането. Со минимално подотворање, крилото на Мекларен имаше „мини ДРС“ како што го нарекоа останатите, а првичната реакција на ФИА беше дека тоа е легално. 

Сепак, сега во пресрет на трката во Сингапур водечкиот Мекларен мора да менува. Жалбите на останатите тимови се покажаа дека се основани и флексибилното крило на Мекларен не смее толку да се придвижува. 

Проблемот со овие карбонски крила во Формула 1 не е новитет. Со години ФИА добива поплаки за дизајнот на крилата и доста често се случува „тајно“ без јавни соопштенија да ги предупреди тимовите дека мора да менуваат.