• Иван Димовски
Оскар Пиастри ќе тргне од првата стартна позиција на главната трка за Големата награда на Кина. Австралиецот со својот Мекларен стигна до најбрзо време во квалификациите, откако претходно заврши на второто место во спринт трката.
Најбрзото време на патеката во Шангај кое го постави Пиастри беше 1:30,641. Во фото-финиш на второто место со перфектен круг се протна Џорџ Расел кој на крајот имаше задоцнување од само 0,082 секунди. Од третото место ќе тргне Ландо Норис, пред шампионот Макс Верстапен.
Во третиот стартен ред на гридот ќе биде дуото на Ферари и тоа Хамилтон на петтото, а Леклер на шестото место. Во топ десет завршија уште дебитантите Исак Хаџар и Кими Антонели, како и Јуки Цунода и Алекс Албон.
Нова катастрофа имаше вториот возач на Ред Бул. Лиам Лосон испадна уште во првиот круг квалификации бидејќи имаше најспоро време и ќе тргне последен.
Трката за Големата награда на Кина се вози в недела во 08:00 часот.