Оливеира најбрз во „Каталуња“, Квартараро направи глупост и го загуби третото место

Возачот на КТМ Рејсинг, Мигел Оливеира триумфираше на седмата трка од годинашниот шампионат во Мото ГП, за Големата награда на Каталонија.

Португалецот на патеката во Каталуња стигна до својата прва победа оваа сезона, а трета во кралската класа, откако за само 175 илјадити делови од секундата беше побрз од  Жоан Зарко на Прамак Дукати. Оливеира во својата кариера има уште три победи во категоријата Мото 3 и шест во Мото 2.

На Оливеира и Зарко на подиумот им се придружи возачот на Дукати, Џек Милер, иако всушност Фабио Квартараро со својата Јамаха трет ја мина целта. 

Французинот беше казнет со три секунди по завршувањето на трката, бидејќи ја пресече патеката и не му ја препушти позицијата на Милер. Во генералниот пласман Квартараро сè уште е прв со 118 бода, а го следат Зарко со 101 и Милер со 90 бода.