• Иван Димовски
Младиот македонски талентиран автомобилист Стефан Тренески го одбра својот тим за новата сезона во Формула 4 која ќе биде за него дебитантска во натпреварувањето.
Оваа година Тренески возеше како гостин и со специјална покана, меѓутоа во новата влегува со тим зад себе и договор за цела сезона. Македонецот потпиша со ЈМТ Рејсинг од Чешка со кој ќе се натпреварува во Форула 4 ЦЕЗ - шампионат кој се вози во средна Европа.
Тренески оваа сезона возеше на „Словакиа Ринг“ и на „Брно“, а сега ќе има шанса да се натпреварува за бодови од викенд во викенд. Сè уште се чека официјалниот календар за новата сезона, додека минатата траеше од април до септември.
За настап во Формула 4 и надеж за понатамошен раст Стефан Тренески се избори со добрите возења во Твинго купот, како и победата на Формула 4 ЦЕЗ Академијата преку која се претстави на овој пазар. Сега во новата сезона Тренески влегува со амбиции за уште поголема афирмација и развој, а зошто да не и брз напредок низ категориите.