Од Ферари реални: Немаме никаква магија за ГН на Канада

Ферари

Новата сезона во Ф1 шампионатот е кошмарна за екипата на Ферари. Конкурентите од Мерцедес веќе изградија висока предност по само шест извозени трки.

На последната во Монако победи Луис Хамилтон и го зголеми водството во генералниот пласман кај возачите. Следува трката на патеката во Канада, каде италијанскиот тим се надева дека ќе може да направи добар резултат, но не им ветува ништо конкретно на своите фанови.

„Канада не е последната трка во календарот. Мора да се подобруваме од недела во недела. Немаме никакво магично решение за Канада, тоа можам да ви го потврдам. Болидот е ист како оној во Монако. Патеката секако дека е различна, но Мерцедес и понатаму е прв фаворит за победата. Единствено што можеме да направиме е да се подготвиме максимално за да се избориме за што е можно подобар пласман“ , вели Матиа Биното, шефот на екипата на Ферари.

Себастијан Фетел и Чарлс Леклерк не се во посакувана форма, што е дополнителен проблем за тимот од Маранело.