Новиот МотоГП шампион пред најтешката одлука во кариерата

Новокрунисаниот светски шампион во МотоГП, Марк Маркес, би можел наскоро да се соочи со една од најтешките одлуки во својата кариера, тоа е дали да се врати во тимот со кој ги оствари најголемите успеси или да ја продолжи доминацијата со Дукати.

Според најновите информации од трансфер-пазарот во кралската мото-категорија, Хонда вложува „сериозни напори“ за да го убеди шпанскиот ас повторно да го облече нивниот комбинезон од сезоната 2027. Токму тогаш ќе стапат на сила новите технички правила, што Јапонците го гледаат како идеална можност за рестарт на проектот со Маркес како лидер и клучна фигура.

Од друга страна, Дукати јавно не крие дека сака да ја продолжи соработката со актуелниот шампион. Италијанскиот производител е задоволен од сработеното и би сакал Марк да остане дел од нивниот тим и по истекот на актуелниот договор, кој важи до крајот на 2026 година. Сепак, засега нема конкретен договор, ниту финален договор околу условите.

Марк Маркес важи за апсолутен фаворит и за титулата во следната сезона, особено по доминантниот настап во 2025 година, кога практично ја контролираше шампионската трка од почеток до крај.