Нови надградби и супер-план на Мерцедес за задржување на врвот во Ф1!

Првиот човек на Ф1 Мерцедес, Тото Волф, најави дека тимот подготвува нов пакет надградби за болидот во вториот дел од сезоната, но истакна дека тие ќе бидат воведувани внимателно за да се задржи предноста во шампионатот.

Мерцедес одлично се снајде со новите технички правила за 2026 година и сезоната ја отвори доминантно, но во меѓувреме Мекларен и Ферари успеаја да го намалат заостанувањето.

„Мораме стратешки да пристапиме. Ќе ги воведеме надградбите кога ќе процениме дека ќе донесат најголем ефект, а не само затоа што доаѓа нова трка. Не сакаме да им дадеме можност на ривалите брзо да најдат одговор“, изјави Волф.

Дополнителен проблем за германскиот тим претставуваат и моторите. Кими Антонели и Џорџ Расел се блиску до дозволениот лимит на погонски единици, па воведување нов мотор би значело казна со поместување на стартниот редослед.

И покрај тоа, во Мерцедес веруваат дека со правилен тајминг на надградбите и добра стратегија ќе останат во борбата за шампионската титула до самиот крај на сезоната.