Нов концепт на Формула 1 болидите: Еве што ќе се смени од 2026 година (ФОТО)

Најбрзиот авто-мото циркуз на светот, Формула 1, во сезоната 2026 ќе влезе со нови регулации за болидите и нови промени. Откако сегашниот концепт започна да се користи во 2022 година, најдоминантен е Ред Бул, а кој најдобро ќе го погоди следниот концепт останува да видиме.

Формула 1 го промовира новиот концепт на болиди кои ќе бидат иднината. Станува збор за помал и покомпактен болид, кој ќе биде полесен и се очекува да биде доста помобилен од сегашните. Болидите од 2026 година ќе бидат за десет сентиметри потесни и 20 сентиметри пократки.

Освен физичките предиспозиции, ќе има и промени во аеродинамичните елементи. Станува збор за активната аеродинамика преку предното и задното крило кои добиваат нов лик, но и подницата на самиот болид за подобар проток на воздухот. Засилена ќе биде и безбедноста на возачите во болидите кои ќе бидат и подобри за екологијата поради развојот на хибридните мотори со поголем акцент на електричниот дел.

Веројатно најзабележителната промена е заминувањето во историја на ДРС (Drag reduction system) технологијата. Таа ќе биде заменета и ќе се користи „manual override mode“ кој наместо преку отворање на задното крило ќе дава повеќе енергија преку батериите на болидите при претекнување.

Тимовите веќе ги добија правилниците и можат да започнат со градење на концепт болидите кои ќе се користат за две сезони отсега.