Норис: Макс и Пјастри ептен ми го отежнаа животот!

Ландо Норис го запиша најголемиот успех во својата дотогашна кариера, крунисувајќи се за светски шампион во Формула 1 за сезоната 2025. Британскиот возач успеа да го постигне тоа со третото место на последната трка во календарот, Гран при на Абу Даби, на патеката „Јас Марина“, со што обезбеди доволен број бодови за да ја освои титулата во една од најтензионите и најизедначени сезони во последната деценија.

Во трката што ја заокружи сезоната, победата ја запиша Макс Верстапен, додека втор заврши Оскар Пјастри, двајцата директни ривали на Норис во борбата за шампионатот. Тројцата влегоа во финалниот викенд разделени со само 13 бодови, што дополнително ја нагласува извонредната неизвесност која го следеше ова првенство од почеток до крај. По поминувањето низ целната линија и официјалното потврдување на титулата, Норис не ја сокри емоцијата и искрено проговори.

„Не сум плачел одамна. Не мислев дека ќе плачам, но го направив тоа – рече веднаш по финишот новиот шампион. – Беше долго патување. Најпрво сакам да им се заблагодарам на моите луѓе, на Мекларен, на моите родители, тие ме поддржуваат уште од самиот почеток.“

Норис истакна дека пресметките со Верстапен и Пијастри низ целата сезона биле исцрпувачки, но воедно и мотивирачки.

„Чувството е неверојатно. Сега знам како се чувствува Макс, барем малку. Сакам да им честитам на Макс и на Оскар, моите двајца најголеми конкуренти во текот на целата сезона. Беше задоволство да се натпреварувам со нив. Беше чест, научив многу од двајцата. Уживам, беше долга година. Тоа го направивме, многу сум горд на сите“, рече Норис пред да го коментира и денешното тркање во Абу Даби.

Британецот откри дека и покрај тоа што третото место му беше доволно, не можел да си дозволи опуштање додека не завршат последните кругови.

„Нема како да мислиш на титулата. Знаев дека ќе биде долга трка и многупати сме виделе дека во Формула 1 сè може да се случи. Само притискав до последните две-три кругови, кога ја намалив брзината. Сакав да се борам до крајот. Тоа и го направив, морав да го правам тоа цела сезона со Макс кој ме бркаше, а и Оскар на крајот. Тие дефинитивно не ми го направија животот лесен.“

Еден од клучните моменти на трката беше инцидентот со Јуки Цунода, но Норис појасни дека не се грижел за евентуална казна.

„Не ме интересира за нападот против Јуки, знаев дека дејствував во рамките на дозволеното, па немав за што да се грижам. Само се обидував да уживам во моментот. Не многу луѓе во светот, па дури ни во Формула 1, можат да го почувствуваат ова што јас го почувствував годинава, па затоа сум среќен за сите.“

Според него, титулата е резултат на долгогодишна посветеност и развивање во рамките на Мекларен, каде што пристигна уште како тинејџер.

„Беше долго патување за мене и Мекларен. Со тимот сум веќе девет години. Поминавме низ многу тешки моменти, но и низ многу добри. За мене, да им се оддолжам на овој начин – сметам дека ја исполнив мојата задача оваа година. Горд сум на себе за тоа, а уште погорд сум на сите кои ме натераа да заплачам.“

Подоцна, во второто интервју по подиумската церемонија, Норис уште еднаш потенцира колку значи овој успех за него лично и професионално.

„Неверојатно е! Многу нереално. Мечтаев за овој момент многу, многу долго време. Сите го прават тоа. Во една ваква сезона се случуваат многу работи. Има многу подеми и падови, но ништо од тоа нема значење ако завршиш на врвот. Токму тоа успеав да го направам јас. Го направив тоа со еден неверојатен тим.“

Норис додаде дека мечтата за титула е присутна уште од детството и дека неговиот развоен пат не бил краток, ниту лесен.

„Не е само оваа година или последните седум или осум години откако сум со Мекларен, туку последните 16 или 17 години од мојот живот во кои ја следев оваа мечта. Денес сите заедно го направивме тоа, и јас сум навистина задоволен. Моите најдобри возења оваа сезона дојдоа тогаш кога најмногу ми беа потребни. Кога заостанував, се претставував најдобро и го покажував најдоброто од себе.“

Новиот шампион откри дека огромен дел од мотивацијата ја црпи од блиските луѓе кои го следат и поддржуваат.

„Денес успеав да ги најдам потребните отвори за да се претставам на високо ниво и да го направам тоа што мораше да се направи. Горд сум. Семејството ми е тука, девојка ми е тука, многу луѓе се тука, немаше да ми биде убаво да ги засрамам на ваков ден. Мајка ми и татко ми ми дозволија да ја следам оваа мечта, и денес ја споделувам со нив.“

Со ова, Ландо Норис се запишува како 36. светски шампион во историјата на Формула 1 и втор возач на Мекларен кој ја освоил титулата во 21 век. Неговата прва титула доаѓа по интензивна, непредвидлива и спортски спектакуларна сезона која ќе остане долго запаметена.