Норис ќе тргне прв пред Верстапен, катастрофа за Ферари во Сингапур

Ландо Норис ја освои пол-позицијата во квалификациите на трката за Големата награда на Сингапур. Британскиот возач беше најстабилен досега во тркачкиот викенд и заслужено шести пат во кариерата ќе тргне од првото место. 

На крајот во прекинатиот последен сегмент на квалификациите Норис најдобро се извлече и имаше време 1:29,525. Сепак, тој нема да има лесна задача в недела, веднаш зад себе го има Макс Верстапен кој му е директен ривал во битката за титулата. 

Во вториот стартен ред ќе започне дуото на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел, а по нив следат Пиастри, Хулкенберг, Алонсо и Цунода. 

Катастрофални квалификации имаа возачите на Ферари. Објективно вториот најбрз тим на гридот ќе тргне од деветтото и десеттото место. Шарл Леклер имаше грешка во клучниот круг и избришано му беше времето, додека претходно Карлос Саинц заврши во бариерите и предизвика црвено знаме. 

Трката во Сингапур е на програмата в недела во 14:00 часот.