Норис и Леклер најбрзи на петочните тренинзи во Сингапур

Трката за Големата награда на Сингапур се вози овој викенд. Веќе започнаа задолженијата на возачите, а стандардно се возеа две петочни тренинг сесии и најбрзи беа Ландо Норис и Шарл Леклер. 

На првиот слободен тренинг се истакна возачот на Ферари. Леклер имаше најбрз круг со време 1:31,763, оставајќи ја конкуренцијата зад себе. Сепак, многу близу до него беше Норис кој имаше 0,076 секунди побавно време, а следат Саинц, Верстапен, Цунода, Пиастри, Рикиардо, Албон, Алонсо и Окон во топ десет. 

На вториот патеката имаше подобри услови и се возеше за нијанса побрзо. Ландо Норис го имаше најдоброто време со 1:30,727. Овојпат втор беше Шарл Леклер, но со минимално задоцнување од 0,058 секунди. Третопласиран пак беше Саинц, пред Цунода, Пиастри и Рикиардо. 

Утре се вози третиот тренинг, а потоа и квалификациите во 15:00 часот. Трката в недела е во терминот од 14:00.