• Иван Димовски
Ландо Норис ја продолжи потерата по шампионот Макс Верстапен и неговото водечко месот во Формула 1. Британецот победи на трката за Големата награда на Сингапур и тоа многу доминантно, докажувајќи уште еднаш дека Мекларен е најбрз тим во моментов. Од друга страна се продлабочи „кризата“ на Ред Бул кој веќе осум трки нема победа.
На „пеколот“ по улиците на патеката во Сингапур британскиот возач мина доминантно. Норис на крајот имаше предност од речиси 21 секунда пред второпласираниот Макс Верстапен. Шампионот и покрај далеку побавниот болид успеа со добри квалификации и перфектна трка да извлече максимум бодови. Место на подиумот имаше и за Оскар Пиастри, вториот возач на Мекларен кој почна петти и напредуваше две места.
На истото месот од стартот заврши Џорџ Расел, додека Шарл Леклер беше петти по лошите квалификации. Во топ десет беа уште Хамилтон, Саинц, Хулкенберг, Алонсо и Цунода.
Лидер во генералниот поредок со 331 бод е Верстапен, кој има 52 повеќе од Норис. Кај конструкторите Мекларен ја зголеми предноста и има 516 бода, додека Ред Бул е на 475. Сега во Формула 1 следи пауза, па следната трка во Тексас е на програмата на 20 октомври.